Вчера, група активисти на „#Протестирам“ симболично го блокираа делот за полетувања на аеродромот „Александар Велики“. Со „потерници“ во раце, тие сакаа да потсетат дека во вакуумот креиран од политичките преговори, Јанакиески и Мијалков се слободни да ја напуштат земјата и јурисдикцијата на Репубика Македонија.
„Одговорноста за пречекорувањата на службената должност на поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата на безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, не завршува со нивните оставки. Тие треба да бидат и целосно тргнати од политичката сцена, да сносат правна одговорност пред независно и непартиско судско тело. Во согласност со заклучоците од судскиот процес, ако се утврди кривична одговорност, треба и да го вратат украденото“, оваа порака движењето „#Протестирам“ ја упати од скопскиот аеродром.
Ова е втора герила акција на движењето, откако завчера активистите симболично пломбираа институции, односно повеќе министерства во Скопје чии влезни врати утрото осамнаа со жолти траки на кои пишуваше „пломбирано од протестирам“.