Министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски, денеска на аеродромот „Александар Велики“ присуствуваше на испраќањето на 2-та ротација на дел од македонскиот контингент во мисијата на НАТО, „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Тринаесетмината припадници на АРМ, како што соопшти Министерството за одбрана ќе бидат дел од турскиот контингент во рамките на Командата на главниот град, Кабул.
– Особено задоволство ми е што сте дел од турскиот контингент, што е уште еден доказ за големото пријателство меѓу двете земји. Со учеството во рамките на „Одлучна поддршка“ вие од една страна придонесувате кон мирот, безбедноста и слободата во Авганистан, а од друга се стекнувате со вештини и способности, кои ќе ве направат уште подобри офицери на Армијата на Република Македонија, истакнал Јолевски.
Амбасадорот на Турција во Македонија Омур Шолендил, според соопштението, им посакал среќа, на како што рекол, хероите од АРМ и им порача дека турскиот контингент можат да го сметаат и за нивен дом.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески посочил дека заедничката мисија во Авганистан, е уште една потврда за повеќе од успешната соработка со Турција.
Дванаесетте офицери и еден подофицер кои заминаа во Авганистан, се дел од 39 припадници на АРМ, кои ја продолжуваат определбата на Република Македонија за придонес во рамките на меѓународните мировни мисии, а со тоа и придонес кон напорите за воспоставување на мир и демократија на глобално ниво.