„Во во интерес на сите граѓани на Македонија лидерите на клучните македонски политички партии Груевски и Заев треба да ги надминат личните суети и краткорочните партиски интереси и да застанат зад општоприфатливи излезни решенија, особено поради опасноста политичката криза да се прелее и да не доведе и до потешка економско-социјална криза.
Форумот на слободумни патриоти смета дека релевантните партии (и другите помали партии и здруженија) треба да формираат заедничка политичко-експертска влада на национално единство која ќе ги стабилизира институциите и ќе ја врати довербата во државата, ќе го врати професионализмот и достоинтсвото на институциите на системот и политичкиот дијалог во живот, максимално ќе ја забрза евроатланската интеграција, да создаде неопходните подготовки за одржување и спороведување на парламентарни избори како и да обезбеди услови за кривично-правна одговорност на сите прекршители на уставот и законите. За да се постигнат стабилизационите цели оваа заедничка влада треба непречено, во полн капацитет, со полна пареа, да функционира меѓу 12 и 18 месеци. Доколку оваа заедничка влада ги исполни почетните цели треба да и се довери мандат и да пристапи кон спроведување и на мерки за меѓупартиско помирување и надминување на граѓанската поларизација по било која основа“, се вели во соопштението на Форумот на слободумни патриоти.
„Во функција на заштита на граѓаните, членовите и симпатизерерите на политичките партии од партиски реваншизам, Форумот ќе основа посебен Правен комитет, со цел заштита на сите граѓани од можни реваншизми од било која страна. Форумот смета дека ниту еден професионалец не смее да биде засегнат ни во администрацијата, ни и во приватниот сектор, поради неговата партиска припадност. Напротив, доброто менаџерање и користење на вкупниот капацитет на администрација треба да биде еден од столбовите на оваа заедничка влада. А професионализмот и стручноста треба да бидат главна основа за напредување. Од друга страна, Форумот ја повикува ЕУ да основа Фонд за поддршка на граѓанските иницијативи за демократија со цел развој на слободоумниот невладин, натпартиски дел од општеството.
Форумот на слободоумни патриоти јавно им понудува на членовите на партиите Обединети за Македонија, ВМРО-НП, НДМ и на сите останати патриотски сили во државата заедничко застанување зад неколку принципи и решенија од Платформата на Форумот за излез од политичката криза. Овие конзистентни решенија Форумот јавно ги предложи од самиот почеток на кризата и тие сериозно се разгледани од сите фактори, со тоа што некои од нив и се прифатени и од меѓународната заедница“, пишува во соопштението на Форумот на слободумни патриоти.