Во Младинскиот културен центар од 28 мај до 1 јуни ќе се одржи 14. издание на музичкиот фестивал ОФФест.
Фестивалот ќе почне в четврток со концерти на корејскиот рок бенд Џамбинаи, а по него ќе настапи африканскиот состав Басеко Којате и Нгони Ба. Следниот ден во кинотот Фросина ќе биде проектиран документарниот филм „Je chanterai pour toi“, на режисерот Жак Сарасин. Тоа е филм за Бубакар Траоре, кој потоа ќе одржи концерт. В сабота ќе настапат португалката Лула Пена и мароканката Хинди Зара. Традиционално претставување на македонски групи ќе има во недела, кога Чалгија саунд систем ќе го промовира новиот материјал.
Фестивалот ќе заврши во понеделник со проекција на документарниот филм „The last song before the war“ во режија на Кили Краскоскас. Веднаш потоа концерт ќе одржат познатите пустински рокери Тинаривен.
Директорот на фестивалот Оливер Белопета денеска на прес-конференција програмата ја оцени како најкомпактна и најдобра досега. Тој посочи дека Хинди Зара, Бубакар Траоре и Басеко Којате доаѓаат да ги промовираат новите албуми.
– Очекуваме дека публиката, која ОФФест ја создаде сите овие години ќе го проследи фестивалот со големо задоволство, рече Белопета, посочувајќи дека билетите за Хинди Зара се веќе распродадени.
Фестивалот ОФФест се одржува под покровителство на Министерството за култура.
Фото: МИА