Тероризмот станува проблем за Босна и Херцеговина, тоа треба да се признае и да се преземат мерки, изјави денеска босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ.
– Имаме идеологија, која го прифаќа, поддржува, поттикнува и финансира тероризмот, и не можам да дозволам една мала група измамници, криминалци и терористи да бидат закана за безбедноста на граѓаните во земјата, истакна Мектиќ на прес-конференција по средба со министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукаќ.
Двајцата министри разговарале и за формирање група за борба против тероризмот, која наскоро ќе биде активирана. Мектиќ нагласил дека обвинителството заедно со групата ќе водат секојдневна борба против тероризмот.
Босанскиот министер истакна дека е потребна државна стратегија за долготрајна „дерадикализација“ и превенција на тероризмот. Тој додаде дека треба да бидат преземени поефикасни судски мерки во случаите со поттикнување на тероризмот и да се реши проблемот со босанските граѓани, кои се враќаат од борбите во Сирија и Ирак.