На плоштадот „Филип Втори“ во Скопје денеска и утре се одржува Пролетен базар на домашни ракотворби, на кој се изложени домашни ракотворби и практично претставени голем број занаети, како и нивното значење и влијание врз квалитетот на живеењето на граѓаните.
Во рамки на оваа традиционална манифестација годинава се промовираат грнчарскиот занает, изработка на филигран, народни носии, изработки од камен, шишиња, изработки на кукли, икони, филц, накит, музички инструменти, цртање чаши со македонски мотиви, папучарскиот занает, изработка на свеки од восок, аранжирање на цвеќе и икебани.
Целта на овој настан е да се истакне значењето на овие кадри за занаетчиството и стопанството, средното стручно образование, практичната обука и стекнувањето вештини и компетенции, а со цел поттикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта. Исто така, да се промовираат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и можност за вработување, како и да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производството и поттикне размената на искуства и знаење на занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските производи и услуги и зголемување на туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на Град Скопје.