„1. Форумот на слободоумни патриоти го поддржува и ќе учествува на денешниот протест на 17 мај, на коалицијата на слободоумни граѓани – Граѓаните за Македонија.
2. Форумот на слободоумни патриоти е длабоко разочаран и огорчен од двојната квази-патриотска политика на Никола Грувески. Маските паднаа. Од вчера на сите ни е јасно дека лажниот патриотизмот на Груевски, бил и сеуште, е само средство за голо останување на власт без оглед на последиците по државата и граѓаните. Груевски непростливо ја подели Македонија, го подели народот на наводни патриоти и наводни предавници, а од вчера се гледа дека согласно неговиот критериум – токму тој е најголемиот предавник. Форумот повторно го повикува да се повлече додека е време и сите заедно да не спаси од оваа криза и политичка агонија во која се наоѓа Македонија. Форумот, како и сите други фактори сугерира формирање на влада на национално единство која ќе ја надмине оваа тешка криза и која забрзано ќе направи политичко- економска стабилизација и евро-атланска интеграција на Македонија. Впрочем сите политички партии поддршката од граѓаните на изборите ја добија врз основа на ветување за реализација на овие стратешки цели.
3. Форумот, повторно во однос на протестите, укажува дека сценаријата за меѓусебен судир на протестантите или непотребната или прекумерна употреба на сила на полицијата ќе се сметаат за деструктивен акт на нарушување на вкупната државна безбедност. Форумот ги повикува сите државни и јавни служеници заедно со полициските службеници крајно професионално да си ги вршат своите должности и да не прифаќаат, ниту подлегнуваат на наредби или насочувања од надредените со кои би ставиле над законот. Сите неправилности нека бидат пријавувани и документирани.
4. Форумот им укажува на сите членови на политички партии дека учеството на протести треба да се одвива на доброволна база како уставно загарантирано право. Никоја политичка партија не смее да врши притисок за учество на протест врз основа на некакви списоци, фотографирање и слични квази-мерки на бележење и уценување. Тоа е понижувачки акт на недоверба во луѓето и во нивните убедувања. Форумот ги охрабрува партиските членови, особено на ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на сценарија за притисок за некаква мобилизација кои се насочени кон конфронтација кон граѓаните кои учествуваат на протестот – Граѓаните за Македонија.
Форумот и сите други граѓани на Република Македонија цврсто застануваат, во секоја смисла, зад сите оние партиски членови и симпатизери кои нема да дозволат нивна протестна манипулација и конфронтација. Овие граѓани никој не смее да ги уценува со работни места и било што друго и да ги проверува, штиклира и фотографира како гола статистика дали дошле на контрапротести за сочувување на фотељата на Груевски“, се вели во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.