„Форумот на слободоумни патриоти ги поздравува разговорите на клучните политички партии за излез од политичката криза и постигнатиот договор за мирно одвивање на протестите. Насилните протести, најавите за контрапротести и сценаријата за меѓусебен судир на протестантите, непотребните напади врз полициските сили или непотребната или прекумерна употреба на сила на полицијата ќе се сметаат за деструктивен акт на нарушување на безбедноста и стабилноста на државата.
- 1. Форумот ги поздравува оставките на владините функционери и ја повикува опозицијата да се врати во парламентот, како взаемно корисен чекор за надминување на кризата. Формирање на Влада на национално единство, спроведувањето на правните квалификации и препораки за јакнење на парламентот од т.н. мартовски договор и основањето на нова Анкетна комисија за прислушувањето е нареден неопходен чекор кој треба да доведе до враќање на парламентарното функционирање и меѓусебната доверба. Пратениците заедно треба треба да работат на мерки и нормативи за јакнење на улогата на Собранието на РM, подобрување на законите и политичкиот систем за да вакви кризи никогаш повеќе не се повторат.
- 2. Сите други институции, особено правосудните треба да се ослободат од партискиот притисок, а на чело на обвинителството да дојдат луѓе со личен и општествен авторитет, кои ќе бидат независни во својата работа. Во таа смисла, се охрабрува што поскоро спроведување на усогласени мерки кои ќе водат кон враќање на нивниот кредибилитет и одговорност, меѓу кои и зајакнат парламентарен надзор. Заедничкото учество во работењето на владата на национално единство може да биде клучен механизам за враќање на стабилноста и кредибилитетот на институциите и државата.
- 3. Форумот ги повикува политичките лидери да ги надраснат своите суети кои ја попречуваат соработката меѓу политичките субјекти, како меѓу политичките партии, така и во односот кон Претседателот на државата! Форумот ги охрабрува Претседателот на државата, покрај основањето на заедничко помошно тело за следење на безбедноста и случувањата во Куманово, да преземе и други консултативно-работни активности за враќање на политичката доверба и јакнење на стабилноста на државата, пред се, преку иницирање на мерки за намалување на меѓупартиската и меѓуетничката конфронтираност.
- 4. Натпартиските, граѓански собири се уставно гарантирана можност за масовно изразување на протест против лошите политики на Н. Груевски. Мудро би било навреме Груевски да се повлече од премиерската функција и да овозможи кадрите во ВМРО-ДПМНЕ кои имаат кредибилитет и неспорен авторитет да земат учество во идната влада на национално единство.
- 5. Форумот ги поддржува сите мирни собири на граѓани кои се насочени кон забрзана евро-атланска интеграција на Македонија.
- Изборот на М. Чавков за министер на МВР спротивно на одредбите на Уставот на РМ не придонесува за јакнење на довербата во институциите и легитимитетот на наредбите кои доаѓаат од него.
- 7. Лажниот патриотизам како и секогаш во историјата е на штета на сопствениот народ и завршува во ќорсокак.
Прифаќањето на погоре наведените излезни решенија и ставови кои Форумот ги предлага од самиот почеток на кризата, а кои веќе се на агендата на разговорите и се поддржани од меѓународниот фактор, можат долгорочно да ги стабилизираат односите во државата“, се вели во писменото соопштение на Форумот на слободоумни патриоти.