Американскиот претседател Барак Обама и високи претставници на шесте земји од Персискиот Залив, два дена разговараа околу нивните односи и натамошните облици на соработка, но дводневната средба во Кемп Дејвид, во близината на Вашингтон, само ги потврди сегашните затегати односи меѓу САД и заливската „шесторка“ околу Иран, констатира Би-Би-Си.
Разговорите во кој Обама ги уверуваше претставниците на Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Оман, дека не треба да стравуваат од договорот со Иран за неговата нуклеарна програма, требаше да биде Самит меѓу претседателот на САД и кралевите и шеиците од регионот на Заливот, сите американски сојузници. Тоа не се случи поради тивкиот бојкот на лидерите на овие земји.
Првичната намера се растури, откако саудскиот крал Салман соопшти дека нема да патува во САД, објаснувајќи го тоа со анагжираноста околу актуелната криза во Јемен во која Саудијците се максимално вклучени, предводејќи ја арапската, сунитска коалиција.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Оман исто така испратија свои специјални пратеници, оправдувајќи го тоа со болест на нивните лидери, а американските медиуми открија дека кралот на Бахреин одбрал да замине на коњски трки во Велика Британија, наместо да биде на Самит во Кемп Дејвид.
Официјален Вашингтон, побрза да објасни дека не станува збор за презир на лидерите од овие земји кон разговорите што ги предложија и организираа Американците. Во ист таков тон реагираше и Ријад, иако се верува дека токму Саудијците стојат зад намаленото ниво на американско-арапскиот дијалог околу Иран, па разговорите, сепак, се одржаа. И на нив САД одново им ја ветија својата поддршка и военото сојузништво, уверувајќи ги дека доколку се појави потреба, Американците ќе употребат и воена сила за да ги заштитат.
Според Би-Би-Си, недовербата на Арапите кон американската политика се појави откако стана јасно дека Вашингтон има симпатии за (неуспешната) „арапска пролет“ за потоа да продолжи со неопределеноста на САД кон ситуацијата во Сирија и да кулминира со сегашниот можен американски договор со Иран.
Арапската недоверба кон САД растеше во услови на зголемениот „религиозен натпревар“ меѓу Арапите- сунити и шиитскиот Иран, а лидерите на шесте сунитски држави стравуваат дека по укинувањето на меѓународните санкции, Иран ќе ја интензивира својата поддршка за разните шиитски групи на Блискиот Исток, а пред се, во Сирија, Ирак, Либан и Јемен.
Земјите од Заливот кои се први на линијата на „фронтот“ кон Иран, затоа, бараат од својот сојузник-САД, посилни безбедносни гаранции.
Овие шест држави, предводени од Саудиска Арабија, имаат создадено свој Совет за соработка кој предвидува и воена помош на една земја членка, од другите во Советот, но сите тие бараат од САД создавање Пакт за одбрана, како гаранција за заштита од евентуална иранска агресија.
Амбасадорот на ОАЕ во Вашингтон, Јусуф ал Отаиба за Би-Би-Си објаснува дека „во минатото работите се решаваа со џентламенска спогодба„ но дека сега на Арапите ( во регионот) им е потребно „нешто написмено„.
Американците во овој момент не сакаат да создаваат воен пакт, а не им го продаваат ниту она оружје што тие го бараат. Во соопштението од разговорите од Кемп Дејвид, се споменуваат повеќе нови облици на воена соработка, но заливската „шесторка„ не може да смета на софистицираниот американски ловец Ф-35, за кого се знае дека ќе го има само Израел, чија воена супериорност Американците продолжуваат да одржуваат.
САД инсистираат дека земјите од Заливот ќе ја имаат и натаму американската воена сила, во случај на иранска закана. како и дека нуклеарниот договор се однесува само на ова прашање, па тој не им ги врзува рацете на Американците да интервенираат.
Од друга страна, Вашингтон верува дека договорот со Техеран за нуклеарната програма на Иран, може да ги покрене умерените сили, внатре во оваа земја, со која САД сакаат да започнат нова ера на односи.Претседателот Барак Обама, освен тоа, не сака да заземе страна во арапско-иранскиот верски конфликт меѓу сунитите и шиитите- заклучува Би-Би-Си.