Неуспех на преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори може да ја втурне земјата во „длабока рецесија“ и да биде пречка за моменталното економско подобрување во Централна Европа, предупреди денеска Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
„Шансите за грчката Влада и нејзините главни кредитори за решавање на ќор-сокак остануваат неизвесни“, соопшти ЕБРД во најновите економски прогнози, кои се објавени само еден ден откако официјалните бројки покажаа дека Грција се враќа во рецесија по месеци на позитивен раст.
ЕБРД предвидува нула пораст на бруто домашниот производ (БДП) годинава, по растот од 0,8 проценти за минатата година, а за догодина очекува два проценти. Овие предвидувања, кои се попесимистички од очекувањата на Брисел за раст од 0,5 отсто, се базираат на евентуален договор меѓу Атина и нејзините партнери од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Но, Банката истакнува дека „овие предвидувања ќе бидат сосема невалидни во услови на негативно сценарио“.
Според извештајот, кој се пренесува во Грција, земјата „најверојатно ќе се врати во голема рецесија, чија големина и времетраењето сега е тешко да се измерат, доколку не го исплати државниот долг и воведе контролата на капиталот, ограничувања на повлекувања на депозити, и виртуелна валута за да ги плати домашните обврски“, јави дописникот на МИА од Атина.
Грција веќе четири месеци преговара со своите меѓународни кредитори за реформите потребни за одблокирање на траншата во вредност од 7,2 милијарди евра од пакетот помош од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). До постигнување на договор со доверителите, Атина останува без пристап до средства од пакетот.