Чилеанскиот град Енсенада, сместен во подножјето на вулканот Калбуко, е претворен во „сива пустина“ по двете вулкански ерупции од средината на минатата недела.
Жителите на градот, што се наоѓа во јужниот дел на Чиле, се обидуваат да ги спасат своите куќи, бизнисот со кој се занимаваат и бројниот добиток, откако тони вулкански пепел го прекри целиот крај, патиштата и улиците, куќите и парковите и околните пасишта.
Покривите на многу куќи во Енсенада, како и на голем број продавници, сервиси и ресторани се урнаа под големата тежина на вулканскиот пепел, а стотици автомобили и други возила останаа заглавени. Локалните сточари стравуваат за големиот број крави и овци кои останаа без храна и без вода.
Чилеанската војска настојува да им помогне на луѓето, за да го спасат она што може да се спаси и ги подготват за трајна евакуација, иако многумина не сакаат да заминат, настојувајќи да ја исчистат пепелта од своите имоти и згради.
Досега се евакуирани повеќе пд шест илјади луѓе, а властите предупредуваат на опасноста од можни нови ерупции на вулканот кој мируваше повеќе децении.
Метеоролозите најавваат дека реонот погоден од вулканските ерупции ќе биде зафатен со обилни врнежи од дожд,што ќе предизвика создавање густа и длабока кал, опасна за добитокот, но и за луѓето кои би можеле да се удават во неа.
Вулканолозите пресметаа дека со двете ерупции се исфрлени 210 милиони кубни метри вулкански пепел.
Калбуко е еден од 90 активни вулкани во Чиле.