Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) денеска ги обвини сириските владини сили дека во текот на март извршиле шест напади со хемиско оружје, користејќи проектили наполнети со хлор.
Во соопштението на Организацијата се наведува дека нападите биле извршени во реони под контрола на сириските бунтовници во провинцијата Идлиб во северозападниот дел на Сирија.
– Советот за безбедност на ОН и државите потписници на Конвенцијата за забрана на развој, производство, складирање и употреба на хемиско оружје и за негово уништување, треба жестоко на одговорат на ова кршење на договорот, порача заменик-директорот на ХРВ одговорен за Блискиот Исток, Надим Хури.
Според податоците на ХРВ, нападите биле извршени во периодот меѓу 16 и 31 март и тоа три во реонот на Сермин, и по еден во градовите Идлиб, Кменас и Биниш.
При нападите во Сермин загинале шест лица, а 206 други биле затруени, се истакнува во соопштението.
Според ХРВ, сите напади биле извршени за време на борбите за контрола над Идлиб меѓу владините сили и припадници на огранокот на Ал Каеда во Сирија, Фронтот Ал Нусра и на други исламиситички групи.