Поради експлозија и пожар во складиштето за муниција во близина на Оренбург, во рускиот Урал, евакуирани се 10.000 жители во круг од 10 километри од местото на несреќата, објавија руските новински агенции.
Инцидентот се случил утрово за време на истовар на отпишани гранати кои требало да бидат уништени. Магацинот се наоѓа на триесет километри од Оренбург.
Според првичните информации, во експлозијата немало повредени, бидејќи војниците се одалечиле на време, изјави портпаролот на Министерството за вонредни ситуации . Тој додаде дека експлозиите престанале.
Телевизијата Рен ТВ покажа снимки од Оренбург на кои може да се види огромен облак од чад на хоризонтот. Ги евакуираме местата Первомајскиј и Експерименталјниј во круг од 10 километри од местото на несреќата, изјави портпаролот.
Затворени се патиштата и железничката пруга. Ваквите инциденти се вообичаени во Русија, бидејќи воените магацини се натрупани со големо количество оружје и муниција, кои честопати се чуваат во небезбедни услови.