Словенски ракописи од Македонија ќе бидат изложени во кралски музеј

Од:

Дел од книжното културно наследство настаното и пронајдено во Република Македонија, од утре до 21 октомври ќе биде изложено во Кралскиот Музеј Мариемон во Брисел, Белгија. Изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-19 век“ предвидено е да ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Овој проект, кој има за цел да се прикаже илјадагодишната писмена традиција во Македонија преку ракописното книжно културно наследство, го реализира НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје во соработка со Валонија Брисел Интернационал, Кралскиот Музеј Мариемон, престижен европски и светски музеј познат по изложувањето на оригинално книжно наследство и Амбасадата на Република Македонија во Белгија.

Од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје информираат дека насловот на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-19 век“, предложен првично од македонска страна, е наслов кој е од особено значење за Република Македонија.

– Овој наслов уште во првичните разговори беше предложен од нашите стручни лица кои работеа на подготовката на изложбата и кои во изминатиот период, за ракописното наследство откриено и создадено во Македонија издадоа томови книги во кои се опишани околу 450 ракописи од 13 до 19 век, насловени како „Словенски ракописи од Македонија“. Првите два тома се издадени во 1971 од еминентниот светски научник Владимир Мошин, а останатите 6 книги ги изготви нашиот специјалист за средновековна христијанска литература, д-р Михајло Георгиевски, информираат од НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Ќе бидат презентирани 39 оригинални словенски ракописи од 13 до 19 век. Првите три века, односно од 10 до 12 век не се покриени со оригинални ракописи бидејќи овие оригинали се изнесени од Македонија и денеска се наоѓаат во светски библиотеки и музеи во Ватикан, Москва, Сант Петербург, Манастирот „Св. Катарина“ на Синај … Нивни факсимили, односно 5 глаголски и 5 кирилски ракописи се објавени во книгата „Македонски споменици со глаголско и кирилско писмо“ во издание на Институтот за македонски јазик, во 2008 година во Скопје, од авторите д-р Илија Велев, д-р Лилјана Макариовска и д-р Емилија Црвенковска, која ќе биде присутна на изложбата. Со тоа се заокружува илјадагодишната писмена традиција во Македонија.

Првпат НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, под покровителство и поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, изложува дел од богатото ракописно книжно културно наследство во некоја западноевропска земја, во случајов Кралството Белгија. Изложбата е подготвена од домашни експерти, Кралскиот Музеј Мариемон и Католичкиот универзитет Лувен – Белгија.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот