Британската фунта забележа пад на вредноста во однос на американскиот долар на светските финански берзи, како последица на неизвесниот резултат од парламентарни избори во Велика Британија.
Станува збор за најголемо намалување на вредноста на фунтата кон доларот во последните пет години.
Ваквата реакција на финанските пазари се објаснува со стравувањето на берзанските експерти од исходот на изборите закажани за 7 мај, како и од можноста Велика Британија да добие „слаба и неефикасна“ влада.
Таквата можност ја потикнуваат бројните анализи во лондонските медиуми, како и резултатите од досегашните испитувања на расположените на гласачите.
Засега се уште нема укажувања за тоа која од главните партии може да добие најмногу гласови, ниту која од помалите партии може да се вклучи во постизборното договарање за идната британска влада.
Сите досегашни мерења укажуваат дека главната битка и на овие избори ќе ја водат конзервативците на премиерот Дејвид Камерон и опозициските лабуристи на Ед Милибанд, но очекувањата се дека ниту една од овие две партии нема да победи убедливо за да може самата да формира влада.
Тоа значи дека Британците одново ќе имаат коалициска влада, за која како кандидати, првпат по многу децении, се јавуваат дури три партии, а не како досега „секогаш третите“ Либерални демократи на сегашниот заменик премиер Ник Клег.
Испитувањата на јавното мислење укажуваат дека во игра за влез во идната влада на овие избори се и досега маргиналните – Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџен и Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) на Најџел Фараж.
Проценки се дека СНП во Шкотска, а УКИП во Англија, би можеле да им одземат значаен број гласови на Конзервативната и на Лабуристичката партија, обезбедувајќи доволен број пратеници во Парламентот за да бидат т.н. „кингмејкери“ при формирањето на идната владеачка коалиција.
Ториевците најавуваат дека не сакаат одново коалиција со партијата на Клег и веруваат дека можат сами да формираат влада. Проценките велат дека тоа веројатно е само „пуста желба“, па при евентуална победа конзервативците ќе мора да бараат коалициски партнер, имајќи пред вид дека Камерон најави дека не би сакал да води малцинска влада.
Лабуристите не зборуваат за можни коалициски партнери, иако засега најавија дека тоа нема да биде сепаратистичката СНП, иако овие две партии и Либералните демократите се идеолошки најблиски една со друга.
СНП им понуди сојуз на лабуристите за да ги поразат конзервативците, кои се непопуларни во Шкотска, а УКИП најави дека сака партнерство со ториевците доколку Камерон прифати референдумот за излез од ЕУ да се одржи идната, а на во 2017 година.
Ваквиот распоред на силите ги прави финансиските пазари загрижени за тоа кој ќе формира влада и како ќе изгледа новиот британски Парламент, затоа што од тоа ќе зависи и економската политика на земјата.
Загриженоста ја зголемува и тврдењето на двете главни партии дека и едната и другата ја имаат подршката на „водечкиот бизнис“, при што проториевските 100 бизнис лидери ја бранат политиката на Камерон, а оние на лабуристите сметаат дека таа и погрешна и треба да се замени со нова, давајќи и предност на програмата што ја нуди Ед Милибанд.