Според статистичките податоци на Авијатичарската безбедносна мрежа од јануари 2014 година се случиле 24 фатални авионски несреќи.
Во последните 15 месеци во авионските несреќи загинале околу 1.187 лица, што е очигледно загрижувачки со оглед на тоа што и оваа година започна со трагедии.
Авионот на „Џерман вингс“ се урна на 24-ти март во Франција, а за причините и потенцијалните виновници се уште се шпекулира.
За потсетување во Тајван на 4-ти февруари се случи катастрофа кога се урна летало на „Транс Азија“ при што 43 лица загинаа, додека 15 го преживеаа падот.
Исто така на 28-ми декември минатата година авион на „Ер Азија“ заврши во Јаванско море на пат од Индонезија кон Сингапур, при што загинаа 162 лица.
Во август 2014 година во трагедија во Иран животите ги загубија 39 лица. Неколку недели порано, 116 лица загинаа на стравичниот лет на пат од Западна Африка во Алгерија. Само ден порано авион на „Транс Азија“ се урна во Тајван при што загинаа 48 патници, додека 10 го преживеаа падот.
Една од најмистериозните несреќи е падот на малезискиот авион, на 8-ми март кој сообраќал од Мачезија кон Пекинг при што дури 239 лица исчезнаа во Индискиот океан. Според податоците на Меѓународните асоцијации за воздушен сообраќај, во просек на секои 4,4 милиони летови се случуваат незгоди со вакви размери.
Е.Г.