Синдикатот на босанското државно радио и телевизија (БХРТ) денеска организираше протест во Сараево поради планираното намалување на плати.
БХРТ со години се соочува со тешки услови за работа, а во последните месеци претплатата од гледачите е на критично ниско ниво, поради што е доведено во опасност емитувањето на програмите. Една од мерките на генералниот директор на БХРТ, Мухамед Бакаревиќ е намалување на платите на вработените за 15 проценти.
Преговорите со синдикатите не вродија со плод и вработените во БХРТ најавија предупредувачки штрајк. Синдикатите бараат раководството во рок од три месеци да предложи план за надминување на проблемите или да си поднесе оставка.
Покрај БХРТ во Босна и Херцеговина има и радио-телевизиски компании на двете административни единици – на Федерацијатра БиХ и на Република Српска. Сите се финансираат од месечна претплата во висина од 7,5 конвертибилни марки (3,8 евра). Половина од собраната претплата е за БХРТ, а по 25 отсто е за радиотелевизиите на ФБиХ и на РС.