Американскиот помошник државен секретар задолжен за односи со јавноста, Даглас Френц, денеска на дебата во Брисел ги предупреди земјите од Балканот, вклучително Македонија, на „она што доаѓа од Русија“, јави дописникот на МИА од Брисел.
Френц, кој е поранешен новинар и кој важи за „десна рака“ на американскиот државен секретар Џон Кери, посочи дека „очите на САД се фокусирани кон Балканот“ и дека „Американците се секогаш тука за да помогнат“.
– Политика на САД на светска сцена победи и нашата интервенција на Балканот беше критична и дојде предоцна. Сепак, нашите очи се фокусирани на Балканот, тоа е сигурно. Мислам дека, како и другите земји кои ја опкружуваат Русија и кои се во сферата на посакување и влијание на Русија, и балканските земји треба да бидат загрижени за тоа што доаѓа од Русија, посочи Френц.
Американскиот помошник-државен секретар порочи дека настаните во Украина треба да ги загрижуваат и земјите од Балканот, додавајќи дека тие може да сметаат на помошта од САД на секаков можен начин.
– Ние признаваме дека Балканот минуваше низ неколку тешки декади и поради овие земји кои сега се опоравуваат и каде има млади и енергични економии и демократии, имаме потреба да бидеме таму и да ги поддржуваме. Треба да признаеме дека само поради тоа што денес нема криза во регионот, ние не треба да се свртиме. Мислиме дека победивме во Студената војна и дека тоа е завршено, но бевме обесхрабрени од Русија. Мислам дека плаќаме цена за тоа. Не можеме да си дозволиме и сигурно нема да го игнорираме Балканот, тоа е сигурно, порача Френц.
Ваквиот став на американскиот помошник-државен секретар доаѓа по неодамнешната официјална изјава на Кери дека Македонија, Србија и другите земји од Балканот „се на линијата на огнот меѓу САД и Руската Федерација“.