Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб реагира, како што се наведува во пишаното соопштение, на „неодговорните“ ставови за актуелната политичка ситуација во Македонија на некои од поранешните и сегашните македонски дипломати.
– Ваквата состојба е предмет на бројни коментари, анализи и разговори што се водат во средствата за информирање. Притоа, од страна на поединци во јавноста се пласираат најразлични произволни и неодговорни оценки и коментари упатени кон одделни држави и меѓународни организации и нивните претставници, кои, по својата содржина и употребениот речник, нанесуваат сериозна штета на угледот на нашата држава, оценува Дипломатскиот клуб.
Посебно загрижува, се додава во соопштението, што во овие изјави се вклучени одредени сегашни и поранешни дипломати на Република Македонија.
– Ваквите изјави од сегашни или поранешни дипломати, кои перманентно ја спроведуваат или ја спроведувале надворешната политика на државата утврдена од нашите највисоки претставнички органи, денес, со своите изјави во јавноста оставаат впечаток дека во целиот овој 24-годишен период од осамостојувањето до денес спроведувале политика која била неискрена и лицемерна кон нашите стартешни партнери ЕУ, САД и НАТО, велат од ИО на Дипломатскиот клуб.