Парискиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“ во своето последно издание објави карикатура за прекин на огнот на исток на Украина. На цртежот под име„Прекин на огнот: Здодевно е во Доњецк“, покрај урнатини прикажани се жители од источна Украина кои се прашуваат „Зошто сега не организираме нешто со карикатуристите?“.
Шефот на Комитетот на руската државна Дума за надворешна политика Алексеј Пушков ја оцени оваа карикатура како гнасна.
-Тоа е гнасно и тоа не е слобода на изразување- напишал Пушков на „Твитер“.
Инаку иако Русија најпрвин го поздрави маршот во Париз, по терористичкиот напад на редакцијата на „Шарли Ебдо“, повеќето руски медиуми и официјални лица, дополнително го обвинија неделникот поради непочитување на верниците.
Три руски медиуми добија казни во јануари откако ја објавија насловната страна на„Шарли Ебдо“ со ликот на пророкот Мухамед. Неколку илјади луѓе, кон крајот на јануари се собраа во Грозни, главниот град на Чеченија во знак на протест поради карикатурата во парискиот неделник.
Е. Г.