Парламентот на Босна и Херцеговина денеска ја потврди номинацијата на Денис Звиздиќ за премиер, четири месеци по парламентарните избори.
На изборите победија националистичките партии, кои се ангажираа да го деблокираат процесот на приближување на земјата кон Европската унија.
Звиздиќ беше предложен од Претседателството на БиХ, по постигнатиот договорот меѓу партиите, составени од мнозинството во Парламентот. Тој досега беше на раководни функции во Владата и Парламентот на Федерацијата БиХ. Звиздиќ е близок соработник и со лидерот на Партијата за демократска акција и член на колективното претседателство Бакир Изетбеговиќ.
Тој во рок од еден месец треба да предложи нови министри. Составот на Советот на министри исто така треба да биде потврден од Парламентот.
Звиздиќ (50) е архитект по образование. Тој пред Парламентот изјави дека негов приоритет ќе биде обновување на процесот за приближување кон ЕУ и НАТО, како и серија социјални и економски реформи.