Апелацискиот суд во Букурешт доцна синоќа му одреди 30-дневен притвор на Адриан Сербу, сопственик на агенцијата Медиафакс, под обвинение дека поттикнувал прикривање даноци, перел пари и поттикнувал кон нелегално присвојување, соопшти агенцијата.
Одлуката беше донесена во текот на изминатата ноќ, по неколкучасовно разгледување на судиите.
Оваа одлука може да се обжали.
Адриан Сербу беше уапсен во понеделникот вечерта, на рок од 24 часа, а наредбата за приведување истече во вторникот вечерта во 20.30 часот.
Сербу синоќа на излегување од Апелацискиот суд изјави дека не може да ги коментира обвиненијата на обвинителството.
Педесет и деветгодишниот сопственик на Медиафакс е обвинет дека од своите вработени барал да извршуваат фалсификувани операции за компанијата да го избегне плаќањето даноци и такси.
Според обвинителството, биле формирани неколку фантомски фирми, а штетите за државниот буџет изнесуваат 3,7 милиони евра, дополнуваат француските медиуми.
Адриан Сербу ги отфрли обвиненијата и изјави дека е жртва на махинациите на премиерот Виктор Понта и на пратеникот Себастиан Гица, кој поседува приватен телевизиски канал, со цел да ја уништат агенцијата Медиафакс и весниците „Гандул“ и „Зиарул финанчиар“.