Британската армија испраќа дополнителни 300 војници во базата на Фокландските Острови, со што бројот на Британци под оружје во Јужниот Атлантик, сега е најголем во последните 20 години, пишува лондонскиот весник „Дејли Експрес“, повикувајќи се на неидентификувани воени извори.
Војниците ќе останат на Фокландите во период меѓу три и шест недели. Станува збор за единица од повеќе од илјада луѓе, кои во интервали ќе престојуваат на островите, каде по 70 дневната аргентинско-британска војна од 1982 година е изградена силна воена база.
Првиот дополнителен британски воен контингент го сочинуваат припадници од артилериските единици и командоси на Кралската морнарица.
Весникот тврди дека одлуката за испраќање на војниците претставува знак за „безбедносната тревога“ што е подигната на островите. Ваквото решение според „Дејли Експрес“ се совпаѓа со засилената „непријателска“ кампања на аргентинската Влада кон Фокландите и барањата на Буенос Аирес за меѓународна поддршка за аргентинските претензии кон островите.
Фокландските Острови или Малвинскиот архипелаг, како што ги нарекува Аргентина, од 1833 година и припаѓаат на Велика Британија, прво како колонија, а подоцна како британска прекуморска територија, која сега има локална самоуправна автономија.
До 1833 година овој тогаш ненаселен архипелаг, на кој сега има три илјади жители, бил прво под шпанска, а подоцна и под француска контрола, но никогаш досега не бил дел од аргентинската државна територија.
Лондонскиот весник открива дека засиленото британско воено присуство на Островите и во регионот доаѓа по воениот договор што владата на аргентинскиот претседател Кристина Кирхнер го направи со Русија. Со овој договор, Русија ќе и изнајми на аргентинската војска суперсонични бомбардери.
„Дејли Експрес“ вели дека од британска страна е одговорено со испраќање на еден воен брод во регионот, што весникот го означува како „шлаканица“ за Владата во Буенос Аирес и за нејзините планови за „воени игри“ околу Фокландите.
Министерството за одбрана во Лондон одби да ги коментира откритијата на весникот, тврдејќи дека засега не се предвидува зголемување на бројот на британските војници на Фокландските Острови.
Во базата кај Порт Стенли, сега има 1.500 војници, четири борбени авиони-ловци од типот „Тајфун“, како и ракетна батерија.