Меѓународниот ПЕН Центар е срцето на разноликоста и е многу важно тоа што Министерството за култура на РМ го поддржува учеството на македонски писатели на средби на Меѓународниот ПЕН. Тоа е вратата за промовирање на македонската култура, рече канадскиот писател и есеист Џон Ралстон Сол, претседател на меѓународната писателска асоцијација.
Тој деновиве е во Македонија а денеска по средбата со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изјави дека е задоволен од поддршката што Македонскиот ПЕН ја добива од Министерството за култура.
– Ние сме најстарата организација на граѓанското општество, дури сме постари и од многу земји, а постари сме и од сите корпорации во светот. Всушност, ние ги имаме измислено организациите на граѓанското општество. Ги носиме сите јазици во повеќе од 100 земји во светот и важно е да се каже дека ние сме балансот помеѓу литературата и слободата на изразувањето. Колку повеќе функционира слободата на изразување, функционира и литературата и обратно, рече Ралстон Сол, кој од 2009 го раководи Меѓународниот ПЕН.
Тој ја пофали програмата за превод на Македонскиот ПЕН Центар, а очекува да се зајакне и Балканската ПЕН мрежа која е формирана пред три години и има 16 земји-членки од Балканот. Рече дека нивното групирање покажува дека регионализмот и интернационализмот функционираат и покрај војната и дека е позитивен пример и за други ПЕН групи. Искуството од Балканот, додаде Сол, ќе го пренесе во Хондурас, Мексико и Никарагва кои ќе ги посети идниот месец во рамки на состанокот на ПЕН центрите од Латинска Америка.
– Хондурас и Мексико се меѓу најлошите земји за слобода на изразувањето. На многумина животите им се секојдневно загрозени. Ќе го користам примерот на Балканската ПЕН мрежа како можат тие да соработуваат, додаде претседателот на Меѓународниот ПЕН.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска рече дека Министерството за култура континуирано соработува со меѓународни организации од културата, а меѓу нив е и Меѓународниот ПЕН Центар и дека ги поддржува меѓународните активности на Македонскиот ПЕН Центар.
– Министерството за култура финансиски партиципира повеќе активности преку кои се интензивира соработката со оваа еминентна писателска асоцијација, како што е и учеството на македонски претставници на годишните собранија на Меѓународниот ПЕН, рече Канческа-Милевска.
Соопшти дека годинава Министерството го поддржува учеството на претставник на Македонскиот ПЕН на 81. Конгрес на Меѓународниот ПЕН во Квебек, Канада, редовно се издвојуваат средства за средби на ПЕН центрите во регионот, ја поддржува средбата на Балканската ПЕН мрежа во Белград, како и за организирање на Регионалната конференција на Македонскиот ПЕН која оваа година ќе се одржи по 15-ти пат во Охрид.
Министерството за култура, рече Канческа-Милевска, финансиски го поддржува и долгорочниот проект „Разноликост“, која во 2003 година го почна Комитетот за превод и јазични права на Македонскиот ПЕН центар во Скопје.
За медиумите таа соопшти дека го информирала претседателот на Меѓународниот ПЕН и за крупните проекти во издаваштвото кои ги реализира Владата на РМ, поддршката на меѓународните фестивали за литература, како и за стимулативната мерка за странски издавачи кои ќе преведат и објават дела од македонски автори.
На средбата во Министерството за култура присуствуваа претседателот и потпретседателот на Македонскиот ПЕН – Ермис Лафазановски и академик Катица Ќулавкова, потпретседателката на Меѓународниот ПЕН Вида Огњеновиќ и Јордан Плевнеш, претседател на Охридската академија за хуманизам која во неделата во Охрид на Џон Ралстон Сол му ја додели Светската награда за хуманизам за оваа година.
Џон Ралстон Сол вечер ќе гостува во Друштвото на писателите на Македонија каде ќе се разговара за состојбите во Меѓународниот ПЕН и за местото и улогата на писателите во актуелните случувања во светот.
Ќе биде претставена и книгата на Сол „Несвесна цивилизација“, која е прво негово дело преведено ан македонски јазик, кое содржи пет негови предавања од 1995 година.
– Тие се мошне актуелни за современите состојби на Балканот и Европа и особено за Македонија. Се надевам дека книгата ќе наиде на голем интерес меѓу писателите, но и кај универзитетските професори, економисти, правници, естетичари зашто тангира многу прашања од современата култура, наука и образование, рече академик Ќулавкова.