Две деца на возраст од седум и 16 години загинаа кога ракета погоди една куќа во градот Вулехирск на истокот на Украина, соопшти украинската војска.
Во истиот напад повредено е и деветгодишно девојче, се наведува во соопштението.
Украинските војници зазедоа речиси цела територија на аеродромот во Доњецк, која ја изгубија од проруските сили во изминатите седмици.
Борбите се приближија кон градот Доњецк, а гранатирањето е интезивирано во другите делови на Донбас.
Лидерот на проруските сили Александар Захарченко ја обвини украинската војска за гранатирањето околу Доњецк.
– Говориме за тоа дека Киев повторно се обидува да започне војна, рече Захарченко.
Украинските безбедносни сили утрово отворија оган врз Доњецк и околните населби од сите видови вооружување, а медиумите јавуваат дека загинале шест лица, вклучувајќи четворица украински војници, во контраофанзивата против проруските сили кои се борат за контрола врз аеродромот во Доњецк.
Во меѓувреме, украинскиот претседател порача дека ќе го обнови Донбас и оти Киев нема да даде ниту „педа украинска територија“.
Според податоците на ОН, во конфликтот во Украина досега загинале над 4.700 цивили, а над 10.000 се ранети.