Казната од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски и неговото експресно притворање за издржување на казната затвор, за странските меѓународни новинарски организации е удар врз слободата на медиумите. Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутјерес во изјава за 24 Вести вели дека оваа постапка на власта е порака до сите новинари во Македонија
– Сметаме дека никогаш не требало да биде во затвор врз основа на вакви обвиненија. Знаете, било каде во Европа, за истите обвиненија, новинар никогаш не би бил во затвор. За нас е чуден начинот на кој македонското судство се справува со овој случај. Мислиме дека се испраќа порака до сите новинари во Македонија дека не смеат да пишуваат слободно, дека се под контрола и дека ако напишат нешто со кое не се согласуваме, ќе одите во затвор, вели генералниот секретарт на Европската федерација на новинари Рикардо Гутјерес.
Федерацијата, како што изјави тој веќе го информирала потпретседателот на Европската комисија за случајот.
И меѓународната организација „Репортери без граници“ ја осуди судската одлука.
– Најостро ја осудуваме затворската казна против Кежаровски. Тоа е една апсурдна одлука. Кежаровски направи една единствена грешка, а тоа е што ја критикуваше власта. Ние, и покрај оваа судска одлука, остануваме на ставот дека нема ништо лошо во тоа, вели извршниот директор на организацијата Кристијан Мир.