Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, вели дека Босна и Херцеговина се наоѓа меѓу земјите од балканскиот регион во кои работите не одат напред кога станува збор за напредок на патот кон Европската унија.
Кацин, е во Сараево на покана на Либерално-демократската партија на БиХ, а прашан за тоа што мисли какви ќе бидат извештаите за земјите од регионот, вели дека кај некои има голем напредок, додека кај некои, работите не одат напред, каде се наоѓа и Босна и Херцеговина.
„Најголем напредок има кај Хрватска за која не само што постои можност следната година да стане членка, туку ина шанси да го добие и својот прв комесар и свои членови на Европскиот парламент. Црна Гора исто така преговара за поглавјата 23 и 24, правосудство, човекови права, медиумски слободи и борба против криминалот и корупцијата. Србија упорно се бори да добие датум за почеток на преговори”, вели Кацин.
За изјавата на шефот на делегацијата на БиХ, Петер Соренсен, дека земјата ќе влезе во ЕУ до 2020 година, Кацин вели дека тој можел тоа да го каже во име на ЕУ, но не и во име на БиХ.
„Се додека БиХ не се посвети на еден датум, и не го одработи потребното, тоа не е можно. БиХ може да направи многу, но не на овој начин, со потполно уривање и блокада на системот. Треба да се излезе од блокадата и да се направи нешто”, вели Кацин.
Тој додава дека ако Србија е посветена на политичкиот дијалог со Косово и наоѓање решение за односите со Косово и БиХ треба да најде одржливо решение за промена на својот Устав.
„А, таква каква што е, БиХ не може да се придвижи кон преговори, и тоа секој треба да го знае”, додава Кацин.