Пеп Гвардиола тренерот на германскиот шампион Баерн Минхен, изјави дека Мануел Нојер е морален победник, во пресрет на изборот за најдобриот фудбалер на светот за 2014 година.
Голманот на Баварците, е во тесниот круг од тројца играчи заедно со Лионел Меси од Барселона и Кристијано Роналдо од Реал Мадрид, за признанието „Златна топка„ кое вечерва ќе биде доделено на свечената церемонијата во Цирих.
„Ману е веќе победник, бидејќи голема победа е самото тоа што тој вечерва ќе присуствува на церемонијата во Цирих. Мојот совет е ист како оној кој му го дадов на Франк (Рибери) пред една година. Оди таму и уживај, немој да се оптеретуваш дали ти ќе победиш’’, изјавил Гвардиола за германските медиуми.
Шпанскиот стратег целосно го поддржува својот голман, за кој смета дека е еден од најдобрите во светот.
„Ако победи тоа е прекрасно, ако не, пак е одлично. Тој треба да биде многу горд на себе, поради своите неверојатни достигнувања во текот на минатата година, кои впрочем и го вброија и меѓу најдобрите тројца фудбалери во светот’’, дополни Гвардиола.