По повод масакрот кој се случи во редакцијата на францускиот магазин „Шарли Ебдо“, земјите од регионот – Хрватска, Македонија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија кои се дел од платформата „Ферпрес.Еу“, иницираат „Ден на тишината“ кој ќе се одбележи на 14-ти јануари во перидот од 11.30 (времето на нападот на редакцијата) до 14 часот во сите шест земји.
Се повикуваат сите медиумски куќи, новински агенции, сите блогери и сите граѓани кои се присутни на социјалните мрежи на своите веб страници и на социјалните мрежи, во наведениот темрин да објават само напис „Ден на тишината“ со што ќе се покаже како би изгледал светот без новинари, медиуми и без зборови.
– Убиени се новинари. По кој знае кој пат, употребена е брутална сила против букви, цртежи, аудио и видео снимки. Против мисли и зборови. Кога нè убиваат, тепаат, касапат и заплашуваат, тоа секогаш е за повисоки цели. Но, никој нема одговор на нашето прашање кои се тие повисоки цели. Бидејќи тие не ни бараат одговори и информации – пишува Мунир Подумљак, директор на хрватското Партнерство за општествен развој, на веб порталот „Ферпрес.Еу“.
Тој додава дека денешните вистини се креираат во радикални, идеолошки, религиозни, политички, криминални и финансиски лаборатории, а отворениот и критички настроен новинар стана последната пречка за тие „вистини“.
– Токму поради тие причини, слободоумниот новинар стана најголемиот плен и трофеј на идеологијата. Поради тоа и нè убиваат, со цел да испратат јасна порака до сите оние кои размислуваат, што ги чека ако ги изговорат своите мисли. Тажен парадокс. Најчесто нè убиваат за да пишуваме и да зборуваме за тоа. Зашто, ако тие пораки на страв и терор не се пренесат до секој човек, самиот тој чин, за оние кои го сториле злосторството, нема да има никаква смисла – нагласува Подумљак.