Борците од самопрогласените „Доњецка Народна Република“ и „Луганска Народна Република“, кои не извршиле директни напади врз војниците на украинските вооружени сили, може да добијат амнестија, соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност и одбрана Андриј Лисенко, цитиран од ТАСС.
– Треба да се воведат мерки кои на овие луѓе ќе им помогнат, преку соодветна проверка, да преминат на наша страна и да им се даде можност и гаранции дека нема да бидат казнети доколку не учествувале во напади врз нашите вооружени формаци, доколку едноставно само вршеле патролни функции или ги чувале складовите со муниција, изјави Лисенко.
Според него, амнестијата најверојатно ќе се случи во најскоро време.
Амнестијата на учесниците во конфликтот во источна Украина беше една од клучните точки на спогодбите од Минск, што се потпишани од Контакт групата за Украина.
На 16 септември Врховната Рада усвои закон за амнестија, но тој досега не е потпишан од претседателот на Парламентот и не му е предаден за потпис на претседателот Петро Порошенко.
Претходно Порошенко изјавуваше дека нема да има амнестија за извршителите на кривичните дела опфатени од украинскиот Кривичен кодекс.