Парламентот на Романија доцна синоќа ја одобри реконструкцијата на Владата на премиерот Виктор Понта, која најави продолжување на економскиот раст и нови мерки за социјална солидарност.
„За“ реконструираната Влада на Понта гласаа 377 пратеници, а 134 беа „против“.
Со реконструкцијата на Владата се разрешени неколку министри технократи и на нивни места дојдоа членови на владејачките партии, меѓу кои поголемиот дел се непознати за пошироката јавност. Нов министер за економија е социјалдемократскиот пратеник Михај Тудосе, додека досегашниот државен министер за буџет Дариус Валков го преземе ресорот финансии.
Реконструкција на Владата на Понта уследи еден месец по поразот што тој го доживеа на претседателските избори на кои важеше за фаворит.
– Реконструираната Влада ќе треба да ја задржи Романија на патот на економски раст и продолжување на реформите започнати во последните две години, изјави Понта.