Романскиот премиер Виктор Понта изјави денеска дека постои потреба за нов закон за гласање на Романците во странство. Тој нагласи дека ќе предложи формирање парламентарна комисија која заедно со претставници на државни институции и невладини организации ќе подготви нов закон за гласање во странство.
– Очигледно е дека Романија има потреба од нов закон и нова логистика за гласање на Романците од дијаспората. Во неделата во странство гласаа речиси 400.000 Романци. Во 2009 година гласаа 143.000. Многу е веројатно дека во 2016 година ќе гласаат повеќе отколку оние што гласаа во неделата, изјави Понта.
Новоизбраниот претседател Клаус Јоханис побара воведување електронско гласање и гласање по пошта за Романците кои живеат во странство.