Млади Срби и Хрвати се обидуваат да воспостават толеранција

Од:

Прекуграничната програма за соработка „Младинска иницијатива за човекови права“ (МИЧП) користи класични и модерни методи за да им помогне на новите генерации Хрвати и Срби да поплочат пат на помирување за иднината на регионот.

Иницијативата „Европа е еднаква на еднаквост“, развиена со поддршка на ИПА-фондовите на ЕУ, ѝ помага на МИЧР да ја постигне оваа цел. Со ентузијастички организатори и атрактивен концепт, програмата е во својата трета фаза.

„Младите луѓе имаат кумулативен капацитет и храброст да отворат тешки поглавја од военото минато, да ги стават истите на дневен ред и да ни понудат демистифицирани страници од историјата и лекции научени засекогаш, бидејќи тоа е суштинската цел на историјата“, рече Џорџе Бојовиќ, програмски асистент во секторот за човекови права при МИЧП во Белград, за SETimes.

Во рамките на програмата, прекуграничната соработка вклучува осум града: Осиек, Вуковар, Славонски Брод и Пакрач во Хрватска, и Суботица, Апатин, Сид и Бачка Паланка во Србија.

На младите учесници од пограничните области во Србија и во Хрватска им е овозможено учество во проектот што негува толеранција, почитување на човековите права и одговорни средби со минатото.

По основните обуки за 24 млади активисти минатиот април, групата комплетираше „Пријателски караван“ како дел од втората фаза на проектот.

„Активистите ги посетија сите градови-учесници во Србија и во Хрватска каде што се спроведува проектот, стремејќи кон потенцирање на теми значајни и специфични за секоја заедница. Во Сид изразивме почит за Мирослав Миленковиќ, резервист во Југословенската народна армија што се самоубил во 1991 година, бидејќи одбил да учествува во офaнзивата против Вуковар. Во Вуковар, пак, се фокусиравме на прашањето на засебните часови во училиштата и нa етничката поделба на јавните содржини“, рече Бојовиќ.

Третата фаза на програмата започна во септември. Таа опфаќа работа на учесници во проектот со локални активисти во нивните заедници.

Последните две фази ќе вклучуваат јавни настани посветени на човековите и на малцинските права, на механизмите на ЕУ за заштита на човековите права, како и концерт во Белград. Во текот на преостанатите фази на проектот, активистите ќе се обидат да пренесат пораки на соседско почитување и хармонија.

Здобивањето искуство и среќавањето луѓе е потенцијално најповолниот дел од програмата, рече Билјана Гаца, активист на проектот, од Вуковар, Хрватска, за SETimes.

Гаца рече дека разните гледишта презентирани на форумот го поплочуваат патот кон подобро разбирање и поголема креативност „ширејќи ги хоризонтите и потиснувајќи ги предрасудите“.

Сепак, потиснувањето на предрасудите не е мала задача. Според истражувањето „Младите лица во време на криза“, спроведено минатата година од страна на „Институтот за општествени истражувања“ во Загреб, Србите се третата по ред најмалку прифатена етничка група помеѓу младите во Хрватска, по Ромите и Албанците, поради конфликтот во 1990-тите.

Истражување на белградскиот „Институт за истражување на културниот развој“, спроведено во истиот период како она во Хрватска, покажа слична состојба и меѓу младите Срби.

Интеракцијата со Хрвати е третата по ред најмалку посакувана, по онаа со Албанците и со Ромите.

Токму во овој дел напорите и иницијативите на МИЧП би можеле да помогнат за придвижување на работите во попрогресивна насока.

Небојша Еветовиќ, активист на „Европа е еднаква на еднаквост“ од Суботица, за SETimes рече дека запознавањето разни локални заедници, како и нивните проблеми, во комбинација со среќавање на истомисленици од Хрватска, има важно за односите помеѓу младите лица во регионот.

Дополнително, проектот го поттикнал да размислува и да делува во насока на заштита на човековите права, при што „планира да продолжи да работи на овие теми во иднина“.

„Соработката со нашите колеги од Хрватска е на високо ниво, а потекнува од обуки, активности и дружење“, рече тој за проектот.

Според Гаца, соработката со нејзините колеги од Србија ѝ овозможила „да ги искуси различноста и различните перцепции за проблемите. Сето ова води кон креативен и конструктивен процес на решавање на проблемите, или, пак, кон посочување на проблемите во заедницата“.

„Само преку когнитивно искуство и контакти со луѓето во регионот ќе можеме да ги здружиме силите и ентузијастички да го канализираме оптимизмот за развој и да ги гледаме разликите како наше богатство и како можност за учење“, рече таа.

Бојан Флиглер, програмски асистент во „Младинска иницијатива за човекови права“ во Хрватска, рече дека младите лица можат позитивно да влијаат на комплексните односи во регионот преку „зајакнување пријателства, соработување и давање позитивен пример за врсниците“.

Во претходните години, експертите во неколку наврати го повторуваа нивното убедување дека младината во регионот ќе ги промени работите.

„Со текот на времето доаѓа до смена на генерации. Се надеваме дека новите генерации ќе имаат прагматичен пристап спрема политиката, можеби и подобар од оној на денешната генерација“, рече Сандро Кнежовиќ, истражувач во „Институтот за развој и меѓународни односи“ со седиште во Загреб, за SETimes.

Кои други земји во регионот би можеле да имаат придобивки од ваква иницијатива? Кажете ни што мислите.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Брод удри во гребен кај хрватски остров, мештаните ги спасуваа патниците

Предраг Петровиќ

Додик: Бараме начин момчињата од Српска да служат војска во Србија, би им дале привилегии

ВИДЕО: Додик запеа по победата на Трамп

Додик: Западот го резервира Балканот за своите цели

Сараево: Голем број граѓани на протестен марш за Палестина

Осмооделенец избоде ученичка со нож во училиште во Суботица

Предраг Петровиќ