Придонесот на земјите од овој дел на Европа во унапредувањето на безбедноста, стабилноста и мирот е навистина значаен и високо вреднуван. На регионалната соработка помеѓу земјите се гледа како на значаен предуслов за подобрување на регионалната безбедност, стабилност и економски раст. Дополнителен стимул за јакнење на безбедноста претставува решавањето на отворените билатерални и внатрешни прашања преку меѓусебен дијалог и разбирање.
Ова денеска во нагласи во своето обраќање државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, на 3. Форум за безбедност кој се одржува во Софија, Република Бугарија во организација на Софискиот безбедносен форум и Бугарската академијата на науките.
Како што соопшти денеска МО, Стефаноски потенцирал дека Република Македонија ќе продолжи кон патот на спроведување на реформите, не само во одбраната, туку и во останатите области, вклучително и со континуиран придонес во меѓународните мировни операции.
Посочувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат Балканот и Црноморскиот регион, Стефаноски ги истакна и значајните чекори кои Република Македонија ги превзема за да одговори на предизвиците кои овозможуваат исполнување на условите за членство во НАТО и зајакнување на безбедноста во регионот. Членството во НАТО и во ЕУ, нагласи државниот секретар, ќе преставува сериозен исчекор во јакнењето на долгорочна стабилност и безбедност, не само на балканскиот регионот, туку и на европскиот континент.
– Најголемиот предизвик кој ќе помогне да се обезбедат стабилноста и безбедноста на долг рок, е да се одговори на прашањето кога Македонија и останатите земји од Југоисточна Европа ќе станат дел од европските и евроатлантските структури. НАТО има незавршена работа во регионот, а тоа е прием на сите земји аспиранти кои ги исполнуваат критериумите за членство, истакна Стефаноски.
На маргините на форумот државниот секретар Стефаноски се сретна со новиот министер за одбрана на Република Бугарија, Николај Ненчев.
На 7-те панели на форумот учествуваат високи претставници на Владата на Република Бугарија, како и претставници на Бугарската академија на науките, Обединетите Нации, НАТО, Европскиот Парламент, голем број професори и претставници на академската фела.