Финансиските ризици допрва ќе кулминираат, сиромаштијата вртоглаво расте

Од:

Потрошувачкиот индекс, кој е најдобар показател на животниот стандард, е најлош во Босна и Херцеговина и Албанија. Платите и пензиите стагнираат, цените се многу повисоки од регионот.

Прометот на сараевските продавници најдобро ја отсликува состојбата на животниот стандард на граѓаните. Меѓу купувачите го затекнавме и пензионерот Паша Имамовиќ, инаку бегалец од Власненице.

– Сите сме стари и немоќни. Пари немаме! Откако ќе ги платиме основните обврски, не останува ништо. Пензијата ми е 325 конвертибилни марки, колку е јорганот толку се покриваме – вели Пашо.

Со прометот на пазарите не се задоволни ни продавачите.

– Народ нема пари, тешко се живее. Само поминуваат, воздивнуваат и си одат – вели една продавачка.

Меѓу најзагрозените категории на населението, покрај пензионерите се и самохраните родители. Мерица Драгичевиќ од Сараево е самохрана мајка. Вели дека е во работен однос, но нејзината плата не е доволна за сите трошоци кои ги има.

– Буквално преживувам. Морам да работам дополнителна работа да можам да си дозволам некои работи. Да не зборувам за тоа, дали нешто треба за годишен одмор или некое друго патување – вели Мерица Драгичевиќ.

Во Здружението за самохрани родители Понос од Бања Лука оценуваат дека оваа категорија на населението е изложена и на дискриминација при вработување. Голем број работодавци не сакаат да примат во работен однос жена со мали деца, вели претседателката на Здружението Дијана Мијатовиќ.

– Кога одат на разговор за работа и кога ќе ја наведат својата состојба, потенцијалните работодавци автоматски ги исклучуваат како работници, бидејќи се плашат дека родител кој сам чува деца, често ќе биде нередовен на работа, бидејќи е единствен родител кој се грижи за тоа дете или тие деца – наведува Дијана Мијатовиќ.

 Критична точка

Во Босна и Херцеговина неодамна се одржаа избори. Според анализите на невладините организации, во изборните програми за социјалната проблематика не се бавеше ниту една политичка партија.

Жарко Папиќ, директор на Иницијатива за подобра и похумана инклузија, за тоа вели:

– Во кампањите не се зборуваше за сиромаштијата, туку за раст на вработеноста. Ветуваа 100.000 работни места, што е апсолутно нереално. Ако потоа не кажете уште пет реченици, а како тоа мислите да го направите, тогаш ништо не сте направиле. Фактот дека на изборите победија старите национални партии, тешко може да се очекува било каков оптимизам дека тие до таа мера радикално ќе се променат, па повеќе нема да се тепаат за фотељи, туку ќе се ангажираат на решавање на економските и социјалните проблеми – оценува Папиќ.

Според најновиот извештај на ММФ, поради катастрофалните поплави, оваа година БиХ мора да се задоволи со економски раст од 0,7 отсто.

Треба што побрзо да се основа власт, поради наталожените финансиски проблеми, смета претседателот на Советот на министри на БиХ, Вјекослав Беванда.

– Финансиските ризици преку задолжувањето на ентитетските буџети во 2017 година доаѓаат како критична точка, но веќе во 2015 година ако не се решат можеме да очекуваме санкции и заострување на односите кон нас – предупреди Беванда.

Мурис Чичиќ, професор на Економскиот факултет во Сараево, не мисли дека состојбата во земјата е толку црна, како што се претставува.

– Стандардот на населението не е многу променет. Последните седум-осум години БиХ стагнира, благодарение на националистичката реторика и програмите на некои лидери. И од тогаш се стагнира во оваа држава. БиХ е диференцирано општество, имате разни нивоа. Имаме 20 отсто население кое тешко преживува и тоа е на ниво на неразвиените земји – потенцира Чичиќ.

Според последните проценки, 700.000 граѓани на БиХ живеат на граница на сиромаштијата, а секој шести е гладен. Илјадници луѓе во БиХ живеат од само еден оброк од народните кујни.

Радио Слободна Европа – Прага

 

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

Додик има план за мирна разделба во БиХ

Босна и Херцеговина ги укинува визите за илегалните мигранти кои доаѓаат под маската на странски работници