Српските власти наголемо се подготвуваат за посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Белград, предвидена за 10 ноември, оценува приштинскиот печат.
Како што јави дописникот на МИА, прштинскиот весник „Експрес“ објави дека српската полиција ќе превземе безбедносни мерки од висок степен и оти илјадници припадници на сите полициски сектори ќе бидат ангажирани за безбедноста на албанскиот премиер.
Повикувајќи се на извори од српската полиција, весникот наведува дека безбедносните мерки ќе бидат идентични со оние што биле превземени за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин, американскиот потпретседател Џо Бајден или поранешната прва дама на САД, Хилари Клинтон.
– Се уште не се знае дали албанскиот премиер Рама пеш ќе прошета низ Белград, зашто доколку се одлучи на тоа ќе бидат потребни дополнителни безбедносни мерки. Се дознава дека албанската делегација ќе престојува во белградскиот хотел со пет ѕвездички “Хајат”, пренесува „Експрес“.
За време на дводневниот престој во Србија, Рама ќе го посети и јужниот српски град Прешево, каде што концентрацијата на припадниците на албанското малцинство е голема. Рама ќе биде прв премиер на Албанија кој ќе го посети Белград по посетата на Енвер Хоџа во далечната 1946 година.
Посетата прво беше најавена за февруари годинава, но беше одложена поради, како што беше образложено, изборите во Србија, а потоа презакажана за 22 септември, но поради созададената ситуација по инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија, Рама и српскиот премиер Александара Вучиќ се договорија таа да де одложи. Рама во Белграда ќе предводи четиринаесетчлена делегација.