Армијата на Република Македонија (АРМ) својата соработка и лојалноста кон НАТО ја искажува, меѓу останатото, и со извршувањето на мировните операции кои се предводени од Алијансата. Досега околу 3.000 припaдници на АРМ учествувале во мисиите предводени од НАТО. Тоа е доволен знак за нашата поддршка кон мирот, стабилноста, како во регионот, така и пошироко, изјави денеска началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески, по средбата со претседавачот на Воениот комитет (ВК) на НАТО, генерал Кнуд Бартелс.
– Во однос на понатамошната поддршка на нивните операции, АРМ со своите капацитети и со својата интероперабилност е подготвена да продолжи во мировните операции предводени од НАТО. Конкретно ќе продолжиме со поддршка и учество во мировната мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, која започнува во јануари, рече Котески. Бројот на војници кои ќе учествуваат во мисијата се уште не се знае.
Во однос на декларираните единици, началникот Котески рече дека Република Македонија го направи можеби најголемиот исчекор во регионот дури и во однос на некои НАТО – членки.
– Формирана е единица под името Средна пешадиска баталјонска група која е сертифицирана од НАТО за следните три години. Се работи за единица која во својот состав има околу 1.200 припадници, вели Котески.
Општ заклучок, потенцира тој, е дека АРМ дава континуирана воен придонес и поддршка на Алијансата и досегашната соработка ја оценивме како одлична.
– Го поставив прашањето за лично ангажирање на генерал Бартелс и на Воениот комитет и неговото влијание кон политичкиот дел на НАТО во однос на нашето членство, рече Котески.
Од особено значење, додаде тој, е тоа дека мора да продолжи взаемната поддршка и успешната соработка, бидејќи тоа е од корист и за Македонија и за Алијансата.
– Мислам дека тоа е единствениот пат за наше скорешно членство во Алијансата, изјави началникот на Генералштабот.
На средбата Котески го информирал претседавачот на Воениот комитет на НАТО генералот Бартелс за постигнувањата и членството во НАТО, за процесот на трансформација на АРМ, како и за учество на наши офицери во штабовите на НАТО, кои би учествувале во креирање и донесување на одредени одлуки.