Украинскиот претседател Петро Порошенко ги повика денеска Украинците да излезат утре на изборните места, изразувајќи убедување дека после вонредните парламентарни избори ќе биде избран „проукраински и проевропски парламент“.
– Конечно, ќе избереме проукраински, а не промосковски, антикорупциски, проевропски парламент, изјави Порошенко при посетата на Черновичката област.
Тој рече дека стариот состав на Врховната рада го распуштил „ не само затоа што бил послушен инструмент во рацете на диктаторот, и не само поради тоа што во нејзиниот состав десетина пратеници биле руски петоколонаши, туку и затоа што за време на неколку месеци се уверил во неговиот низок реформски потенцијал.
– Многу е тешко да се дава гас за реформите, кога стотина пратеници синхронизирано притискаат на сопирачката, рече украинскиот претседател, изразувајќи увереност дека изборите ќе овозможат целосно „ресетирање“ на власта, обнова и подмладување на парламентот.
Порошенко уште ги повика граѓаните да гласаат според совест и потсети дека гласањето за пари сега е кривично дело не само за оние кои плаќаат, туку и за оние кои го продаваат гласот.