Првпат во романската постреволуционерна историја, разузнувачките служби јавно откажаа послушност на претседателот во заминување Трајан Басеску.
Се приближува крајот на предизборната кампања за избори за нов романски претседател (првиот круг е на 2, а вториот на 16 ноември). Кампањата се одвива во досега невиден хаос, при што во неа главното оро, парадоксално, го води претседателот во заминување Трајан Басеску, иако не е кандидат, бидејќи неговиот втор и последен 5 годишен мандат истекнува на 21 декември 2014 година.
Наспроти уставните закони кои на претседателот му забрануваат политичка определба и ангажирање во корист на некоја партија, Басеску речиси секојдневно излегува на медиумската сцена и отворено навива за својата верна политичка соработничка, поранешната министерка Елена Удреа, која се појавува како прва и единствена жена учесничка во трката за заземање на претседателското место во палатата Котрочењ, во која работела некое време како советник и шеф на кабинетот на Басеску.
Претседателот Басеску за неа основал дури една партија, Партија на народно движење и ја поставил за лидер на истата.
Причина за се, како што се тврди во романските медиуми, е тоа што Басеску се надева дека преку евентуалната победа на Удреа, ќе може да ги избегне судските одговорности за низа незаконски малверзации, од кои до сега го штитеше претседателскиот имунитет. Популарноста на госпоѓа Урдеа, позната романска политичарка со руса коса и со бујни облини, е многу мала, речиси никаква и затоа претседателот Басеску се одлучи за неа да создаде поволен изборен простор, со тоа што ќе се обиде од претседателската трка да ги исфрли главните конкуренти.
А конкуренти има дури 14. Од нив еден единствен премиерот Виктор Понта ја застапува левицата, додека на десна страна се наоѓаат речиси сите други кандидати, кои можат да се обединат во вториот круг под знамето на Удреа. Сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека најголеми шанси за конечна победа има премиерот Понта, инаку лидер на Социјалдемократската партија. Затоа на него се нафрли претседателот Басеску, разработувајќи специјална стратегија сосема да го исфрли од претседателската трка.
За таа итра стратегија, за нејзиното спроведување и резултатите, тука веќе со недели се води жестока полемика со недозволени средства. Се оценува дека претседателот со месеци копал јама на премиерот, но дека на крај самиот паднал во неа.
Веќе е познатата политичката акробација во која Басеску нема конкурент и во која често се наоѓал на ивица или надвор од законските рамки. Но, овој пат е лошо, антологиски погреши што за тоа на големо се пишува и во меѓународниот печат.
Со намера да го оцрни и компромитира младиот премиер Понта (42) во очите на гласачката јавност, претседателот Басеску лично ја лансираше приказната дека Понта е неподобен и дека треба да даде оставка бидејќи незаконски бил прикриен офицер, т.е. шпион на надворешно разузнувачката служба СИЕ. Шушкањето за тоа ненадејно се појави во медиумите. Тие шушкања ги прифати претседателот Басеску и излезе во јавност со отворено тврдење дека тој точно знае и дека ќе покаже документи. Сметаше дека е доволно да настапи пропагандистички, да го повторува тоа тврдење и дека медиумите ќе си го одработат своето.
Меѓутоа, тоа му се одби од глава, бидејќи изби скандал кој ги потресе сите пори на романскиот политички живот.
А се случи ова. Познатиот романски политичар, поранешен министер за надворешни работи Теодор Мелешкану, последните неколку години беше директор на надворешно разузнувачката служба СИЕ. Пред неколку месеци тој ненадејно поднесе оставка на таа должност, а потоа се појави како претседателски кандидат. Секако, медиумските рефлектори веднаш се свртеа кон него. Новинарите го прашуваат дали може да ги потврди тврдењата на Басеску дека премиерот Понта порано бил шпион, офицер под тајност, работејќи во исто време и како државен обвинител (1997–2001).
Мелешкану одговорил дека според законот не може тоа ни да го потврди, ни да го негира. Едноставно, тајните агенти ги штити закон. Новинарите не попуштаат. Тие го прашуваат Малешанку дали претседателот барал од него список на тајни агенти кои работеле и сеуште работат под тајност во романската влада, во текот на сите овие години од 1990. Следела сосема неочекувана бомба. Малешанку суво одговорил: – Да, бараше од мене такви податоци. И тоа уште од 2013 година. Што значеше дека Басеску одамна се подготвувал за изборна диверзија.
Потоа, избезумениот шеф на државата се појави на малите екрани и всушност призна дека барал да му се откријат агентите, бидејќи наводно, има право на сите информации. Малешанку му одворил: Да има право на сите информации, но не може да знае кој ги набавил тие информации. Изворот на информации е строга тајна за сите.
Политичките аналитичари внимателно ја следат јавната полемика Басеску-Малешкану и заклучуваат дека претседателот ја злоупотребил својата положба во обид да ги користи разузнувачките служби во својата пресметка со политичките противници. Но, дека разузнувачите му откажале послушност. Ова силно одекна во романската јавност, како нешто што прв пат се случува во 25 годишната романска постреволуционерна историја.
Всушност, со ова е потврдено дека обвиненијата упатени со години кон Басеску дека недозволено се користи со тајните досиеја за пресметка со ривалите, биле оправдани. Брука пукна на сите страни. Се тврди дека со ова е нанесена огромна штета на романските национални интереси и угледот на Романија. Басеску во романскиот печат се споредува со Нерон, кој по себе оставил само пеплишта.
Политика – Белград