Судиите на Уставниот суд на Романија денеска одлучија дека претседателот на Социјалдемократската партија и актуелен премиер Виктор Понта може да се кандидира на претседателските избори, отфрлајќи ја жалбата на независниот кандидат Георге Фунар во врска со информациите дека Понта е поранешен таен агент на романската служба за надворешно разузнавање, соопшти сајтот Зиаре.
Георге Фунар вчера се пожали пред Уставниот суд и побара од оваа највисока судска инстанца да провери и да одлучи дали премиерот Виктор Понта го прекршува Уставот, откако претседателот Трајан Басеску откри дека тој бил таен агент на службата за надворешно разузнавање.
Политичката сцена во Романија на почетокот на оваа недела беше растресена од аферата што ја лансира шефот на државата Трајан Басеску, кој во телевизиско интервју изјави дека Виктор Понта во периодот 1997-2001 година бил таен агент, а тоа е периодот кога работел како обвинител.
Премиерот, кој е фаворит меѓу кандидатите за претседателските избори на 2 ноември, ова тврдење го оцени како „лага“.