Бројот на вооружените сили на Украина треба да се зголеми, изјави советникот на претседателот на државата и поранешен раководител на службите за безбедност, Игор Смешко.
– Веќе речиси половина година сме во војна, а бројот на армијата се уште е ист. Одлуката за зголемување на бројот на војниците треба да ја донесе Парламентот, а не претседателот, рече Смешко за украинската телевизија „Пети канал“.
Кон крајот на септември заменик-раководителот на администрацијата на претседателот Петро Порошенко, Дмитро Шимкив изјави при презентирањето на програмата за реформи „Стратегија-2020“, дека во рамки на следните шест години земјата треба да стане воена држава.
Според него, реформирањето на секторот одбрана и зајакнувањето на националната безбедност се меѓу приоритетите на „Стратегија -2020“.
Согласно програмата се предвидува зголемување на финансирањето за потребите на одбраната од еден проценти од БДП оваа година до пет отсто од БДП до 2020 година. Планирано е и зголемување на војниците од 2,8 на седум на илјада жители.
Вкупниот број на војници во Украина во 2012 година изнесуваше 184.000 лица, а армијата беше петта според бројот во Европа.