Женски труп во напредна фаза на распаѓање во саботата е пронајден на северозападниот брег на грчкиот остров Карпатос, за кој постои сомневање дека се работи за исчезнатата Македонка Маркоска.
Телото е однесено на островот Родос каде што ќе биде направена аутопсија со цел да се утврди времето на смртта или други информации кои може да придонесат за откривање на идентитетот и причината за смртта на жената.
„Етнос“ пишува дека според првичните индикации, може да се работи за 23-годишната Дениса Маркоска која на 12 септември исчезна од бродот за крстарење „Серенисима“ на кој работела. Бродот тој ден пловел меѓу Карпатос и Родос, а негова крајна дестинација бил Агиос Николаос.
– Истрагата која се водеше за исчезнувањето на Маркоска не даде никакви резултати, но сега властите ги поврзуваат двата случаи, пишува „Етнос“ и додава дека за се се известени македонската Амбасада во Атина и македонските власти.
Извори на МИА во македонското Министерство за надворешни работи потврдија дека грчката полиција побарала преку македонската Амбасада во Атина надлежни органи да се вклучат во идентификација на телото, односно ДНК анализа.