Бавната бирократија Словенија и Хрватска може да ги чини 13 милиони евра. Толку се скапи проектите на прекуграничната соработка, за кои треба да се одобрат пари од европските фондови. Некои поради тоа се откажаа, а други го покренаа проектот со сопствени пари.
Како се танцуваше на преминот од 19 во 20 век, што се носеше, што се јадеше… хрватските и словенечките средношколци учат, благодарение на прекуграничниот проект кој го финансира Европската унија. Односно, треба да го финансира.
Локалните музеи проектот на конкурс го пријавија во почетокот на 2012 година. Одобрен е речиси две години подоцна, но ни девет месеци потоа, договорот се уште не е потпишан, јавува од Мурска Собота репортерката на Ал Џезира Јасмина Кос.
– За сега можеме некако да тераме, но не долго. Не можеш да добиеш ослободување од ДДВ ако немаш потпишан договор… И така некои работи се вртат кои едноставно без договор не можеме да ги направиме – вели Маша Хрустек Собочан, кустос на музејот во Меѓумурје.
Тоа е само еден од 39 проекти кој е во проблеми, бидејќи Службата за развој и европската кохезиона политика во Владата на Словенија, која раководи со целиот програм, на време не ги заврши работите. Објаснуваат дека заедничкиот технички секретаријат од 2012 година се соочува со голема флуктуација на кадри. Проблем е и забраната за вработување во државната администрација, како и многу други промени во организациската структура на словенечките министерства.
Од хрватска страна, која учествува, но не може да влијае на раководењето, ги разбираат кадровските проблеми, но се работи за многу пари.
Реално може да се случи одредена загуба на средства, нешто поради откажување од страна на партнерите, нешто поради фактот дека можеби некои активности нема да бидат спроведени до крајот на имплементацискиот период – рече Хелга Бубановиќ Девчиќ, помошник министер на ЕУ фондовите во Хрватска. Проектите вкупно чинат над 13 милиони евра. Од тоа, ако се одеше според планот, над три милиони евра директно би отишле во државните буџети на Словенија и Хрватска низ даноците, придонесите и други додатоци на платите. А би се отвориле околу 400 работни места. Сето тоа може да пропадне.
Историјата се повторува
Како и финансиската стабилност на 212 носители на проектот, здруженија, градови, институции… иако рокот им е продолжен за три т.е. шест месеци, тешко ќе успеат да ги спроведат сите предвидени активности. А тогаш нема ни враќање на инвестираните средства од ЕУ фондовите. Историјата, велат се повторува.
– За проектите кои завршија во третиот месец минатата година конкретно нашата организација сеуште чека завршна уплата од 43.000 евра. Значи, сопствени пари кои сме ги трошеле, за што сме подигнале кредит кај комерцијална банка по многу ниски камати – се жали Игор Рогинек, извршен директор на Автономниот центар.
Тврдат дека има подготвени проекти, но бирократијата погреши во чекори, што двете земји може да ги чини милиони евра, кои остануваат неискористени во буџетот на Европската унија.
Ал Џезира Балкан – Сараево