Рекордни 20 отсто од возрасните Американци или 42 милиони лица никогаш не биле во брак, покажа демографското истражување чии резултати се објавени вчера.
Растот на бројот на возрасни лица кои никогаш не се венчале се објаснува со низа фактори, а меѓу другото и доцната возраст во која се склопуваат браковите и поголемиот број луѓе во вонбрачни заедници, покажа истражувањето кое го спроведе Pew Research Center.
Според тие резултати во 2012 година, 23 отсто од мажите и 17 проценти од жените на возраст од 25 години никогаш не биле во брак, што покажува се поголем расчекор во трендовите меѓу половите. Педесет години претходно, десет проценти мажи и осум отсто жени никогаш не биле во брак, оценува Pew.
Трендот особено е впечатлив меѓу американските црнци. Од нив, 36 проценти до 2012 година никогаш не биле во брак што претставува скок за четири пати во однос во 1960 година. Бројот на невенчани возрасни лица меѓу белците во истиот период двојно се зголемил.
Околу 53 проценти од оние кои никогаш не биле венчани велат дека би сакале да склопат брак, што претставува пад во однос на 2010 година, кога таква желба изразиле 61 процент од испитаниците.
За жените кои никогаш не биле во брак, најважен критериум е да пронајдат брачен партнер со постојана работа, а за мажите на прво место е заедничко гледање на воспитувањето деца.
Во 1960 година просечната возраст за склопување на брак за жени била 20, а за мажи 23, а во 2012 година, за жени била 27 години, а за мажи 29 години.