Нова компјутерска опрема и донира денеска Турската владина агенција за соработка и координација (ТИКА) на Македонската информативна агенција (МИА).
Изразувајќи огромна благодарност, директорот на МИА Љупчо Јакимоски рече дека оваа помош е исклучително драгоцена за Агенцијата бидејќи, пред се, ќе ги подобри можностите за работа.
– Свесни сме колку е значајно работењето на МИА, колку значајни работи прави во Македонија. Затоа ни претставува огромна чест што имаме прилика да ја поддржиме на некаков начин, истакна координаторот на ТИКА во Македонија Теоман Тирјаки пред примопредавањето на опремата.
Тој уште еднаш го посочи значењето на информативните агенции во денешно време, вклучувајќи ја и МИА, за пренесување, како што нагласи, на сите вести во градот, во повеќе и помалку развиените рурални средини, во целата држава.
Според советникот и вршител на должност во Турската амбасада Синан Ертај, донацијата е само продолжување на веќе етаблираната одлична македонско-турска соработка.
– Се надевам дека со новата опрема ќе имате прилика да функционирате многу подобро. Македонија е многу значајна за Република Турција. Верувам дека и Турција е значајна за Македонија. Токму денеска македонскиот премиeр во Анкара има средби со претседателот Ердоган и неговиот колега, премиерот Давитоглу. Ова е всушност прва официјална средба на Давитоглу што е особено битно, посочи Ертај.
Турската помош за МИА реализирана преку ТИКА се состои од 34 компјутери со најнов тип на процесор. Двете страни размислуваат за унапредување на соработката преку реализирање конкретни заеднички проекти.
ТИКА е институција за технички развој и соработка на Претседателството на Република Турција формирана во 1992 година како составен дел на Министерството за надворешни работи на Турција. Во 2001 година Администрацијата станува дел од претседателството на Владата на Турција и се раководи од назначен министер. Во 2011 година името е сменето во Претседателство на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Земајќи ги предвид потребите и целите за развој на земјите и општествата, целта на ТИКА е да ги востанови полињата за соработка и помош и преку проекти и програми да придонесе во развојот и соработката на економијата, техниката, трговијата, социјалата, културата и образованието. Агенцијата дава посебна подршка за зацврстување на независноста на државата и напорите за успешен премин во слободна пазарна економија.
ТИКА работи на различни полиња – јавна администрација, развој на мали и средни претпријатија, статистика, конкуренција, осигурување, банкарство, финансии, царина, транспорт и врски, надворешна трговија, земјоделство, туризам, право, внатрешна безбедност, слободни зони, странски вложувања, берза, меѓународни односи, радио и телевизија, развој на приватен сектор, обука на квалификувани кадри.
Присутна е и функционира во 38 земји со 41 канцеларија за програмска координација. Има соработка со над 120 земји од пет континенти врз основа на проекти за техничка донација и развој со цел развој на меѓусебната соработка и размена искуства.
ТИКА е присутна и функционира во Македонија од 2005 година со Канцеларија за програмска координација и е акредитирана како дипломатско представништво.