Пратениците на Врховната рада на Украина денеска усвоија закон за давање специјален статус на Доњецката и Луганската област во источниот дел од земјата, поднесен од украинскиот претседател Петро Порошенко, како и закон за амнестија на учесниците во настаните во овој дел од државата.
За законот за специјален статус за Донбас гласаа 277 пратеници, а законот за амнестија го поддржаа 287.
Според законот за специјален статус за Донбаскиот басен се предлага посебен систем на самоуправување за период од три години, како и одржување локални избори во овие региони на 7 декември оваа година.
Законот за амнестија спречува гонење и казнување на „учесниците во случувањата на територијата на Доњецката и Луганската област“.
Порошенко вчера истакна дека со законот не се опфатени извршителите на кривични дела од кривичниот законик, како што е убиство со предумисла, тероризам, обид за убиство на државен службеник или полициски припадник, силување, кражби, изживување врз загинати и многу други одредби кои треба да ја гарантираат територијалната целовитост на Украина.
Медиумите објавија дека властите на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ сметаат дека предлог-законот на Порошенко за нив е „неактуелен“, а премиерот на самопрогласената „Луганска Народна Република“ Генадиј Ципкалов нагласи дека народот веќе направил избор, а тоа е „одвоена ЛНР“.