Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вчеравечер го отвори 21. Фестивал на изведувачки уметности „Екс понто“ во Љубљана, со претставата „Швејк во Втората светска војна“ по текст на Брехт, во режија на Мартин Кочовски.
– Словенечкиот национален театар Драма беше полн со љубители на театарот кои дојдоа да ја проследат моќната политичка сатира на прилепскиот ансамбл, како што беше најавувана пред почетокот на фестивалот. Ансамблот предводен од режисерот Мартин Кочовски извонредно ја одигра претставата, за што на крајот следуваше и громогласниот аплауз и овации. Посетителите не го криеја своето задоволство што дошле на отворањето на „Екс понто“ и што гледале моќна и силна претстава, како што многумина изјавија, соопшти Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп за гостувањето на Прилепскиот театар на еден од најреномираните европски фестивали.
Задоволен од изведбата беше и режисерот Мартин Кочовски. – Се радувам што публиката ја сфати пораката од претставата која има актуелна тема, не само за Македонија, туку и за Балканот, изјави Кочовски.