Почнува седмиот ИТФ „Лица без маски“

Од:

Мултимедијалната  претстава „Плацебо“ на режисерката и корегорафка Ана Пампулова од Софија вечер  ќе го отвори седмиот Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“, кој ќе се одржува до 16 септември во Универзалната  сала.

– Фестивалската програма годинава ќе понуди исклучителни квалитетни театарски преформанси предводени од европската и македонската независна продукција. Ексклузивната програма на годинашното издание на фестивалот, во селекција на театарскиот режисер Игор Ивковиќ,  покрај гостувањето на европските независни театри, е зачинето со бројни македонски претстави, соопшти организаторот на ИТФ „Лица без маски“ – Независната продукција „Театар 007“.

Ќе гостуваат „Костелационе“ од Италија со претставата „Јас сум вода“, чешкиот театар „Континуо“ со „Соседи“ на режисерот Павел Штоурац,  „Арт и медија зона“ од Грција  со претставата „Исмини и Калипсо“ во режија на Ефи Мерваглоу, театарот „Лудум, Лудум“ од Белград со „Штом ќе се исполнат соништата, повеќе не можеш да живееш во нив“ во режија на Петар Ристовски. Во натпреварувачката програма на фестивалот годинава е и експресивниот буто танц на Васил Зафирчев, работен според книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димовски, која ќе биде промовирана на фестивалот. На програмата се и претставите „Три сестри“ на режисерката Теа Беговска, „Виктор и Викторија“ на режисерот Војо Цветановски, „Трансферату“ во режија на Софија Ристевска, на независниот „Интимен театар“ од Битола.

На последната вечер на фестивалот ќе има мултимедијална промоција на книгата „Стрмоглаво кон височините“ на авторката Марта Маркоска, а во  чест на наградените претстави Независната продукција „Театар 007“ ќе ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“ во режија на Игор Ивковиќ.

Ќе бидат доделени три награди: Гран-при за претстава во целина, награда за најдобро актерско остварување и награда за најдобра режија. За нив ќе одлучува жири во состав: Наташа Поплавска (режисер), Снежана Коневска-Руси (актерка) и Иванка Апостоловска (претседател на Интернационалниот театарски институт ИТИ-Македонија). Автор на дизајнот на наградите е вајарот Зоран Тошевски.

Фестивалот се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Град Скопје, со вкупен буџет од 600.000 денари.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Јордан Симонов од МНТ најдобар актер на фестивалот „Албански театар во Македонија“

Предраг Петровиќ