Продолжен артилериски оган се чул доцна синоќа во Маријупољ во источниот дел на Украина, јавија западните медиуми, повикувајќи се на очевидци. Тоа е прво кршење на примирјето постигнато пред помалку од 24 часа во Минск.
Според локалното население индустриска хала, камион и бензинска станица биле во пламен во источниот приморски град Маријупољ со околу 500.000 жители на Азовското Море.
– Извршен е артилериски напад, немаме информации за жртви, изјави анонимен украински офицер.
Договорот за прекин на огнот во Источна Украина потпишан е во петокот во Минск и стапи во сила во 18 часот по локално време. Договорот е потпишан од претставници на Украина и самопрогласените Доњецка и Луганска Народна Република.