Првите камиони на рускиот хуманитарен конвој за источна Украина влегоа на украинска територија и се движат кон градот Луганск, придружени од мала група проруски сепаратисти.
Странските известувачи забележале десетици бели камиони, како поминуваат граница и стигнале до украинската царина и транзитна зона.
– Сите изговори за одложување на испораката на помош во зоните со катастрофални хуманитарни ситуации се исцрпени. Русија реши да делува. Нашиот конвој со хуманитарна помош тргна во правецот накај Луганск. на истокот наУкраина, соопштува руското министерство.
Камионите натоварени со вода, генератори и вреќи за спиење се наменети за цивилите во градот Луганск, каде проруските сепаратистички сили се опколени со владини сили. Гранатирањето на градот трае со недели, а ни една страна не прифаќа прекин на огнот.
Првите камиони во конвојот вчера ги прегледаа украинските цариници, што претставува неопходна процедура, за да може потоа претставниците на Меѓународниот црвен крст да ја распределат помоштта.
Украинските власти стравуваат бунтовниците да не го искористат конвојот за да направат провокација, што би можело да биде изговор за руска интервенција. Тие наведуваат дека помошта може да биде испратена само доколку постојат „гаранции“ за безбедноста на конвојот.
Официјална Москва смета дека се дадени сите потребни гаранции и дека предвидениот пат е проверен од страна на Црвениот крст.
– Вработените во Црвен крст се спремни да го следат конвојот и да учествуваат во распределбата на помошта. Сметаме дека претставниците на организацијата можат да учествуваат – наведува министерството.
Руското министерство повтори уште еднаш дека одговорноста за можните провокации се наоѓаат на страната на Киев.
Меѓутоа, портпаролот на Меѓународниот црвен крст утрово за агенцијата „Интерфакс“ изјави дека организацијата се’ уште нема „гаранција за безбедноста“.